„Kabadayas“ и нивниот џез за отворање на Skopje Street Music Festival

Првото издание на Skopje Street Music Festival ќе го отворат членовите на џез-формацијата „Kabadayas“, трио од музичари со големо професионално искуство зад себе. Тоа се Џоле Максимовски на бас-гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Досега имаат издадено два албума – „IV“ во 2012 година и скорешниот албум „Од понеделник“.

* Вие го отварате Skopje Street Music Festival со настап во четврток, 21 јуни на плоштадот  Македонија, од 19:15 часот. Сметате ли дека на Скопје му се потребни вакви отворени фестивали на кои публиката бесплатно ја консумира музиката, без да посетува концертни сали или ноќни клубови?

– Да, отворените фестивали се супер. Постои публика која не е цел ден на „Фејсбук“, деца, туристи, кои не ги следат настаните што се рекламираат на социјалните мрежи. Овие концерти се изненадување токму за нив. Ширење култура и добри вибрации на случајните и неслучајните минувачи.

* Што очекувате од настапот? Периодов активно го претставувате вашиот втор албум „Од понеделник“, па дали ќе се концентрирате на него или ќе и свирите нешто ново и нешто постаро?

– Ќе свириме претежно нумери од новиот албум. Очекуваме да си поминеме убаво. Секој настап е посебна приказна, различен пристап, импровизација…

* Каде се ќе настапувате летово, дали ќе ве слушне и публиката во регионот?

–  Имаме неколку концерти низ Македонија. Во септември одиме во Србија.

* Неодамна најавивте дека публиката нема долго да го чека Вашиот трет албум. До каде се подготовките и каков звук да очекуваме?

– Да, музика имаме… Моментално го свириме вториот албум. За третиот ќе биде време кога ќе завршат летните збиднувања. Сепак треба малку мир, да се видиме и да почнеме да работиме на нова музика. Звукот сам ќе се покаже.