Аплаузот е признание за „Монистра“ и за народното музичко творештво

Колку и да ни се убави концертите и прошетките надвор од нашите граници, секогаш е најубаво чувството кога сме на своја територија, пред своја публика, велат членовите на етно-составот „Монистра“. Тие со задоволство ќе настапат на првата вечер на Skopje Street Music Festival, затоа што досега во Скопје само два пати го претставиле вториот албум. „Киниса моме на вода“ го промовираа лани, кога прославија 15 години постоење.

Составот го сочинуваат седум академски образовани музичари: Александар Јовевски (кавал, тамбура, гајда), Филип Николовски (тамбура), Јован Стрезоски (тамбура), Марјан Андоновски (удиралки), Дамјан Зифовски (удиралки), Габриела Јанушевска (вокал) и Дарко Ничевски (клавијатури).
Заинтересираните ќе ги слушнат на Боемска улица во четврток, 21 јуни, во терминот од 22:00 часот.

* Со кои очекувања се пријавивте на Skopje Street Music Festival? Вие сте многу активни во изминатив период со низа концерти, па дали и на овој настап гледате како на дел од вашето се` поголемо освојување на македонската сцена?

– Велат „Како што е дома, никаде на светот не е“! Така ни е и на нас. Без разлика колку и да ни се убави концертите и прошетките надвор од нашите граници, секогаш е најубаво чувството кога сме на своја територија, пред своја публика. Сега е лето, период од годината во кој сите сакаат да посетуваат вакви случувања, под отворено небо. Многу ни е драго што и „Монистра“ ќе биде дел од овој фестивал, па скопската публика ќе може да ужива во нашата македонска музика.

* Со што ќе се претставите на фестивалот? Дали ќе се концентрирате на музиката од вашиот втор албум „Киниса моме на вода“ или ќе слушнеме и нешто ново?

– Во однос на репертоарот, ќе изведеме една мешавина од нашите два албума. На овој концерт нема да промовираме ништо ново. „Киниса моме на вода“ е албум кој што наполни една година, но пред скопската публика е презентиран само два пати. Решивме да ги изведуваме тие композиции бидејќи не се толку познати на публиката, а тоа и ни беше целта со овој албум, да вратиме во живот нешто што е вредно, за да не отиде во заборав. Секако дека има нешто ново, но одлуката беше дека ќе го чуваме за 2019 година.

* Се етаблиравте меѓу најуспешните етно-состави во Македонија. Која е тајната на вашиот успех?

–  Тајна… Немаме. Едноставно се познаваме и како музичари и како карактери. Од мали деца се дружиме. На многу рана возраст започнавме да свириме заедно. Најпрво како изворен оркестар при КУД „Цветан Димов“, а од 2002 година и како „Монистра“. Работиме заедно на идеите, на репертоарот. Седум уметници, седум карактери и за наша среќа, одлично сме се пронашле и усогласиле. Аранжманите и музиката на авторските дела, бидејќи покрај обработките на веќе постоечки песни и ора, имаме и авторски дела со народен мотив, се на Александар Јовевски, кој е главен „виновник“ за овој состав, но целата слика е на сите седум членови.

* Публиката во светот се повеќе ја сака традиционалната музика на народите и се сензибилизира и за македонскиот фолклор благодарение на бројните музичари што го негуваат нашиот етно-звук. Што е причината за тоа? Како Вас Ве доживуваат и какви се реакциите после настапите во странство? Има ли разлика со оние дома? 

– Дали концертираме дома или надвор, за нас е најважно дека добиваме позитивни реакции. За странската публика е интересен и невообичаен нашиот нерамноделен ритам. И што е најважно, аплаузот е тој што секогаш не задржува на сцена подолго од планираното. Тоа е еден знак и признание не само за „Монистра“ туку за целото македонско народно музичко творештво.