Летка Димовска – Полизова: Едвај чекаме и дома да го чујат нашето творештво

За женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ сите сме чуле затоа што се светски шампиони, но не сите сме го чуле нивното пеење. Тоа ќе се промени со нивниот настап на 21 јуни на Skopje Street Music Festival.
Овој хор е своевиден амбасадор на Македонија во странство и е добитник на титулата светски шампиони за 2016 година, имаат 6 олимписки медали, 3 награди Гранд-при, 14 златни медали, 11 сребрени и 3 бронзени.

* Како дел од изведувачите на Skopje Street Music Festival ќе се претставите пред домашната публика со вашиот репертоар со кој собравте многу награди низ светот. Што ве мотивира да учествувате на еден музички настан од овој тип и што очекувате од дружењето со публиката?

– Јас сум многу среќна што со мојот хор ќе бидеме дел од овој прекрасен фестивалски  спектакл, кој се одржува по светски терк, заради публиката и репертоарот со кој ќе се претставиме дома, заради организарторите, но и селекторот на програмата, уметник, композитор како Ана Пандевска. Навистина е задоволство да се соработува со сите нив.

* Што подготвувате за настапот на кој дел од заинтересираните граѓани ќе имаат можност да ве видат и да ве слушнат за прв пат, со оглед дека кај нас нема многу можности пошироката публика да слушне хорско пеење, а вие негувате повеќе жанрови?

– Не секогаш имаме можност пред домашната публика да се претставиме со она што светот не` препознава, а тоа се композиции инспирирани од преубавиот македонски фолклор, неговата ритмичка комплексност и мелодиската бујност, обработките и народните песни, аранжмански прилагодени во повеќегласност. Ете затоа сме многу возбудени и со нетрпение го очекуваме нашиот настап кој ќе се случи на 21 јуни, во вечерните часови, онака светско-боемски, како доликува со овој жанр!

* Секако треба да сте задоволни од досегашниот успех на вашата 22-годишна мисија за промоција на хорското пеење, па и како амбасадори на македонската музика и фолклорот. На што сметате дека се должи тој успех и кои Ви се плановите за развојот на хорот во блиска иднина?

– Успехот морам да го споделам со сите досегашни членови на хорот. Со нив ја градев хорската кариера, заедно станавме препознатлив бренд на успешност во светот. Несогорлива беше желбата да направиме нешто добро за татковината. Со многу вложен професионален труд, љубов и работа, успеавме. Први во Македонија ја понесовме титулата Светски шампиони за 2016 година. Уште повеќе што сега треба да го одржуваме тој успех. Тешко и напорно е, но се трудиме, не се откажуваме. Наредните предизвици се Италија и Шпанија!