Дуња Иванова: Пиjано на отворено е предизвик за изведувачите

Нашата позната пијанистка д-р Дуња Иванова на Skopje Street Music Festival ќе настапи на 23.06.2018 (сабота) во градски парк. На публиката таа и е позната по своите бројни успешни солистички и камерни настапи на домашните фестивали како Скопско лето, Охридско лето и други, а настапувала и пред публиката во Њујорк, Париз, Сараево, Приштина итн. Таа често истражува нови простори за настапи и е вљубеник во музицирањето под отворено небо, што го докажа и во април на плоштадот Македонија кога одржа тричасовен пијано-маратон. За публиката на фестивалот на улични музичари, таа подготвува филмска музика.

* Што Ве мотивираше да учествувате на првиот фестивал на улични музичари во Скопје и што очекувате од ова дружење со публиката?

– Самата идеја, која беше промовирана преку конкурсот на фестивалот ме привлече како можност за повторна комуникација со публиката надвор од концертниот простор.  Поставувањето на акустичен инструмент на нестандардна локација е привлечно за минувачите, а предизвик за изведувачот. Верувам дека Street music festival со внимателна селекција на звукот што ќе се промовира, за случајните и намерните посетители ќе обезбеди уникатно доживување.

* Каква програма подготвувате за настапот на Skopje street music festival?

– Филмската музика ќе биде во фокусот и овој пат. Звукот на Филип Глас кој го исполни филмот „Часови“ како и музиката на Мајкл Најман препознатлива од култниот филм „Пијано“ ќе бидат надополнети со сензибилноста на Лудовико Еинауди. Минимализмот е повторно мојот предзнак, како можност за музичко искуство кое за публиката ќе обезбеди патување низ мислите и чувствата.

* Во април одржавте неколкучасовен пијано-маратон насловен „Наминување“ на плоштадот Македонија. Изјавивте дека сместувањето на пијано во средиштето на Скопје е со цел музиката да допре до што е можно повеќе слушатели и истовремено е социјален експеримент што ќе покаже колку луѓето се подготвени за добра музика кога најмалку ја очекуваат. Колку беа подготвени минувачите за вашиот концерт и дали ова искуство ве поттикнува и натаму да музицирате под отворено небо во Скопје и во другите градови?

– Минувачите беа затекнати од „Наминување“. Јас сум вистински среќна што многумина застанаа и со интерес слушаа, прашуваа, гледаа во промотивниот плакат… Неколку возрасни луѓе стоеа цели два часа, други и на дождот продолжија да ме следат, медиумите навистина пројавија интерес и сето тоа е исклучително значајно за промоција на нешто исклучително. Ако барем еден од тие присутни по маратонот доби желба и мотивација да го продлабочи својот интерес во вреден музички правец, целта е постигната. Инаку, контактот со публиката секогаш мотивира. Непосредниот уште повеќе, затоа што е искрен и реакциите се спонтани. Па, оттаму и нови идеи и предизвици, под отворено небо или во сала, сеедно, сето во служба на убавото.

* Колку публиката кај нас е жедна за квалитетна музика и како таа да им се приближи на граѓаните, со оглед дека во традиционалните медиуми се помалку ја има или воопшто ја нема, а од ТВ-станиците генерално се промовира само кич?

– Не ни недостасуваат добри настани, нив ги има секојдневно, од кафулињата, преку улиците, до стандардните простори. Летаргијата е она што ја обзема публиката, па на луѓето им е поудобно од дома да следат уметност. Неопходна е кампања, преку медиумите се разбира, која ќе даде насоки, ќе информира, ќе промовира квалитетни содржини и ќе им ги приближи на слушателите. Сето тоа, наспроти празните креации кои единствено по цена на популизам се форсираат, особено преку ТВ-каналите.