Познати музичари кои почнале на улица

Многу славни музичари и актери кои настапуваат пред публика од илјадници луѓе, некогаш почнале како улични музичари. Тој дел од нивните биографиии им дава романтичен тон на богатите кариери, без разлика дали настапувале на улица заради младешкиот занес или заради сурова егзистенцијална нужда што не остава можности за избор.

Еве дел од славните личности кои кариерата ја започнале на улица.

– Прославената Едит Пјаф, која пораснала во бордел што бил сопственост на нејзината баба, не ни сонувала дека еден ден ќе има светска слава и ќе биде прогласена за икона на француската шансона. Таа одбила да стане проститутка, на што ја уверувал нејзиниот сопруг, кој бил макро. Наместо тоа, таа избрала да стане улична пејачка, а останатото е историја.

– Американскиот музичар и поет Боб Дилан, пионерот на протестните песни против војната во Виетнам, не можел така лесно да се одвои од улицата дури ни кога како 23-годишник го заработел својот прв милион. За него улицата била омилената сцена за настап.

– На британската поп и рок-ѕвезда Род Стјуарт му била наменета кариера на фудбалер, според желбата на татко му. Но, раното будење заради напорните тренинзи, кои биле некомпатибилни со неговата љубов кон алкохолот, го одвратиле од спортот. Стјуарт почнал да настапува на улиците во Лондон, а потоа со пријател тргнале на турнеја по Европа, каде спиеле под мостовите. Бил депортиран од Шпанија заради талкање.

– Додека студирала на Универзитетот Тафтс, американската кантавторка Трејси Чепмен пеела и свирела на својата гитара на соседниот плоштад Харвард, на кој имало огромна врвулица од луѓе. Додека настапувала низ кафетериите и уличките била забележана од познат продуцент, со чија куќа Електра рекордс потпишала договор веднаш по дипломирањето во 1987 година.

– Пред да стане Би Би Кинг, Рајли Кинг бил само дете што за разонода свирел на својата гитара на улиците на Мисисипи. Тој знаел да настапува и во четири различни градови во една вечер. Така стасал и до Мемфис, град на бројни блуз и џез-легенди, каде и тој станал една од нив.