Музиката е лековита

Бучава, мотори, возила, градежни активности, хеликоптери, бор-машини, брусилки, косилки и ред други непријатни звуци се дел од нашето урбано секојдневие, заради кое сме изложени на стрес. Луѓето лесно влегуваат во стрес кога се опкружени со непријатни звуци, а тоа и науката досега повеќе пати го потврдила, исто како што се знае дека стресот предизвикува низа болести.
Од друга страна, музиката го намалува стресот и лекува или помага при одредени болести, што исто така е многупати научно потврдено. Дури се познати и листи со музички нумери и тоа од најразлични жанрови кои помагаат во намалување на стресот и на високиот крвен притисок.
Медицинските лица уверуваат дека музиката прави чуда и во намалување на болката и на стравот, го подобрува расположението и ги поттикнува позитивните емоции. Вршењето на терапија со помош на музика е воведено во Втората светска војна кога болниците увиделе дека ранетите војници подобро емотивно и физички закрепнуваат ако слушаат музика. Американските научници заклучиле дека слушање на музика од само еден час дневно може значително да ги намали тегобите кај пациентите со хронична болка во грбот и зглобовите, а едно канадско истражување покажало дека малите деца што посетуваат музичко образование имаат подобро помнење и способност за учење. Има многу други истражувања што ја потврдуваат лековитоста на музиката, како на пример, дека слушањето на позадински ритмови и удирање на тапан го забавува пулсот на срцето, го смирува дишењето и го олеснува заспивањето. Или, музикотерапијата поволно влијае на луѓето со прелом на коски бидејќи ја намалува болката. На лицата што преживеале мозочен удар им се советува често да служаат пријатна и смирувачка музика за побрзо да се опораваат. Бремените жени можат полесно да се породат ако се опуштат со музика, а утврдено е дури и неродените бебиња имаат корист од пријатните музички звуци.
Има безброј причини да се слуша музика и затоа сите се добредојдени на премиерното издание на Skopje street music festival што ќе се одржи на седум локации од 21 до 24 јуни 2018година.