Музиката не сака да биде затворена во sидови

Уличната уметност постои со векови и има сложена историја. Со промената на општествените прилики низ светот се развиени најразлични жанрови и форми на забавата пред публика под отворено небо, од патувачки циркуси, трубадури, медицински шоуа, до разни акробати, претстави и концерти. Денес уличната уметност, а особено уличната музика е неодминлива карактеристика на урбаната животна средина, која го збогатува и разубавува секојдневието на милијарди луѓе низ светот.
Без боите на графитите, без звуците на тротарите, без фестивалите, градовите би биле само дехуманизирана урбана џунгла на автоматизирани суштества.
Уметноста како духовна храна отсекогаш наоѓала пат до публиката и „се излева“ од затворените сали директно меѓу луѓето на улица. Концептот е насекаде ист, изведбата е бесплатна, секој може да застане, да слуша и да гледа, а наградата за музичарот или кој било друг уличен артист е – бакшишот од задоволниот консумент.
Скопје не може да биде одминато од светските трендови. Иако полека, сепак во последната деценија и во нашиот град се развива и се негува оној дел од уличната уметност кој ги опфаќа баскерите и музичарите. Плејада од музичари настапуваа пред скопјани на плоштадот Македонија, на улицата Македонија, во Градскиот трговски центар и на други локации во Малиот ринг. Слушавме поединци и бендови, почетници и професионалци, самоуки и образовани музичари кои  свиреа и пееја поп, рок, етно, блуз, џез, класика итн.
Следна скала во еволуцијата на уличната музика во метрополата е фестивал на улична музика, кој годинава ќе ја има својата премиера. Skopje street music festival ќе се рашири и пошироко од строгиот центар и ќе ја донесе музиката и на улиците во Аеродром и во Карпош. Ќе придонесе за збогатување на отворената сцена, на туристичката и културната понуда на градот и ќе ги промовира талентираните македонски музичари.