инфо за туристи

Урбана туристичка средба на старото со новото

Скопје има милениумска историја и богата туристичка понуда што ја покажува таа историја. Посетителите имаат многу опции каде да одат затоа што низ котлината како и во самиот град има историски, археолошки и културни локалитети за посета, како и богата гастро-понуда, места за забава и убава природа. Во поширокиот центар на Скопје гостите имаат можност да посетат повеќе интересни места, како Старата чаршија, Калето, Водно итн.

Чаршија

Во Стара чаршија се среќаваат истокот и западот, духовното и световното. Тоа е место каде посетителот ќе види, ќе слушне, ќе вкуси и ќе почувствува. Освен интересни дуќани за пазарување и понекој стар занает што се инаети со времето, Чаршијата нуди и објекти кои самите си ги раскажуваат своите приказни, како Безистенот, Сули-ан, Капан-ан, Куршумли-ан, Чифте амам, Даут-пашин амам, потоа Саат-кулата, црквите „Свети Спас“ и „Свети Димитрија“, џамиите Јахја-пашина, Султан-муратова, Ќосе Кади и Араста итн. Посетителите на Чаршијата неминовно ќе ја почувствуваат средбата на старото со новото, а ќе можат да пробаат и традиционална македонска храна и вино.

 

Музеите во центар

И самиот центар на македонската метропола е интересен за посета и разгледување. Од Чаршијата, преку најпознатиот симбол Камениот мост, се стасува до плоштадот и улицата Македонија, а центарот нуди неколку интересни музеи и објекти за посета. Во Археолошкиот музеј се изложени сите значајни археолошки артефакти што се ископани на македонско тло, на кое животот се одвива со милениуми наназад. Спомен-куќата на Мајка Тереза исто така е место што е многу посетувано од туристи, особено од странци заради популарноста на светицата низ светот, а во продолжение е и Старата железничка станица во која е сместен Музејот на Град Скопје. Кога се музеите во прашање, посетителите можат да го посетат Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, па да се искачат кон Кале и да ги видат поставките во Музејот на современата уметност. Двата музеја се засновани на големи трагедии. Музејот на холокаустот на Евреите ја раскажува тажната приказна за 7.200 македонски Евреи кои биле депортирани и убиени во Треблинка на 11 март 1943. Музејот на современата уметност настанал како потреба од простор каде на едно место ќе се соберат бројните уметнички дела што Скопје ги добивал на подарок како солидарност од светот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, во кој загинаа 1.100 лица.

 

Кале

Скопското Кале е локалитет сам за себе. Се смета дека просторот каде денес се наоѓа тврдината бил населен уште во времето на праисторијата, околу четвртиот милениум п.н.е. Од 6. до 10. век Калето повторно било населено, а за време на Самиловото царство било едно од поважните стратегиски точки во државата. Денес е значаен туристички локалитет од каде се пружа една од најубавите панорамски глетки кон Скопје.

 

Водно

По урбаните доживувања, Водно е можност за прошетка низ планина и шума на само половина час пеш од центарот или за десетина минути со возило или јавен превоз. Од Средно Водно со жичницата посетителите можат да се искачат кон врвот на планината и кон Милениумскиот крст, кое е многу популарно место за посета заради чистиот воздух и погледот кон градот. Оттаму планинарите може да се движат и кон кањонот Матка по обележани планински патеки или да се спуштат кон манастирот „Свети Пантелејмон“ од 12.век, кој е меѓу позначајните културно-историски споменици во Скопје. Спроти манастирот се наоѓа туристичкиот комплекс „Македонско село“ каде на едно место е собрана нашата традиционална архитектура.